Со низа настани се одбележува 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски. Пред споменикот на Св. Климент Охридски пред Националната универзитетска библиотека во Скопје, собраниска и владина делегација ќе положи цвеќе, а во Собранието ќе биде врачена државната награда „Св. Климент Охридски“.
Државната награда „Св. Климент Охридски“ се доделува за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност.
Климент е еден од првите средновековни словенски светци, научник, писател и просветител на Словените. Бил еден од најистакнатите ученици на Кирил и Методиј што заедно се поврзуваат со создавање на глаголското и кириличното писмо, особено нивното распространување помеѓу христијанизираните Словени. Тој бил основач на Охридската книжевна школа или попозната како „Прв словенски универзитет“, од кој излегле 3500 подготвени ученици, и од страна на некои словенски народи се смета за покровител на образованието и јазикот. Тој се смета за прв Епископ Словенски со титула Епископ Велички.
Денеска Свети Климент Охридски се почитува како заштитник на Македонија, градот Охрид и Македонската православна црква.
Најголемата црква во Скопје (Соборниот храм) го носи името на Свети Климент како и Националната и универзитетска библиотека на Македонија.
Св. Климент Охридски е патрон и на Охрид каде празнувањата почнаа завчера. Чествувањата продолжуваат и денеска со поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон” на Плаошник. Потоа предвидено е полагање цвеќе на споменикот на Свети Климент Охридски во училишниот двор на ООУ „Свети Климент Охридски“ и на монументалниот споменик на Свети Климент Охридски на Градскиот плоштад, како и врачување награди на најдобрите поетски творби на наградниот ученички литературен конкурс по повод Патронот на Охрид.
Програмата ќе се заокружи со настап на Македонските фолклорни ансамбли во чест на Свети Климент Охридски на големата сцена во центарот за култура „Григор Прличев“.







