27 април и „застапниците на мракот“ во честитката на Заев за годишнината од ратификацијата за НАТО?!

Наместо да се задржи на свечената нишка што по дефиниција би требало да ја содржи честитката за двегодишнината од собраниската ратификација на Договорот за пристапување на Република Македонија во НАТО, премиерот Зоран Заев ги (зло)употреби настаните од 27 април за пресметка со „застапниците на мракот и на политичкото насилие“, истовремено воспевајќи некакво си „демократско мнозинство“?!



„На денешен ден 2020 година на пратеничкиот состав во мандатот 2016-2020 му припадна честа, во името на сите нивни претходници во пратеничките клупи, во името на сите граѓани, да го ратификуваат Договорот за пристапување на Северна Македонија во НАТО. На јарболот пред Парламентот беше кренато знамето на НАТО на 30-тата земја-членка на НАТО.

Како дел од моќното НАТО семејство, како неизоставен дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот, Северна Македонија стана фактор за стабилност во регионот, извозник на безбедност и земја во која граѓаните и децата имаат сигурна иднина. Сите ние, заедно, со поглед напред ја обезбедивме македонската иднина.

Демократското мнозинство постигна пресврт. За неполни две години после 27 април 2017 година, кога во истото Собрание застапниците на мракот и на политичкото насилие, оние кои сакаа моќ за своја лична корист, со насилство се обидоа да ги запрат демократските и прогресивните политички сили, поддржани од огромното мнозинство граѓани.

Со поразот на тие политички структури, креатори на ‘заробената’ држава, излеговме од длабоката политичка криза и државата ја вративме на патот по кој чекорат сите развиени демократски држави. Со тоа се афирмираше мнозинската волја на граѓаните, застанати зад идејата за едно современо општество, за граѓанска, демократска република, земја на можности за сите свои граѓани.

#НиеСмеНАТО# WEARENATO #NATO“, со крајно непримерен тон и речник порача Заев во тоа што, наместо да биде честитка до граѓаните и повод за обединување, само дополнително ги разгорува поделбите.