Екс директор на ЈСП до Арсовска: Не расфрлај се со хистерични изјави, без извини ќе одиш на суд

По нејзините вербални напади врз екс директор на ЈСП Скопје градоначалничката Данела Арсовска доби јавна порака да се извини за да не биде тужена за навреда и клевета.



Екс директорот во пораката дава конкретни информации, бројки и ситуации за неговата и за работата на Арсовска.

,,Последниве денови (ш)пицнава градоначалничка од само за неа познати причини решила да ме напаѓа. Легитимно е и немам ништо против, нека продолжи жената, но за волја на вистината морам да и укажам на некои факти кои очигледно и се непознати, а впрочем и од каде би и биле. 🤷

Директор на ЈСП Скопје бев речиси 3 години, на фукцијата стапив во Февруари 2015 година, а бев сменет во Ноември 2017 година. Така да, ниту сум бил, ниту сум можел да бидам директор на Мицкоски.

Во овој речиси 3 годишен период, финансиските проблеми беа огромен предизвик, но исто така станаа мисловна именка затоа што се работеше! Оставив во наследство модерно и финансиски стабилно јавно претпријатие, што успеавте да го уништите!

Добивка 2014-7.136.000 денари
Добивка 2015-72.980.000 денари
Добивка 2016-65.260.000 денари

Обврски за плаќање во Февруари 2015-174.477.000 денари, во Ноември 2017-96.518.000 денари.

Долг за ДДВ во Февруари 2015-90.422.000 денари, во Ноември 2017-13.491.000 денари.

А, покрај тоа се:
– воведе АВЛ систем,
– воведе електронска наплата,
– реорганизира Диспечерскиот центар во Оперативно-Контролен центар,
– пушти во употреба android/iOS апликација „JSP – On The Go“,
– воведе Интегриран тарифен систем,
– прошири продажната мрежа.

Ја прашувам Danela Arsovska кои се финансисите резултати од оваа година и дали можат на било кој начин да се споредат со најлошата година која јас сум ја имал во ЈСП? Или еве за полесно да и биде, нека ги погледне и претходните 20-30 години од работењето на ЈСП. 😉

Danela Arsovska не е убаво да се расфрлате со паушални и хистерични изјави, ја губите и минималната поддршка која ја имате, ако воопшто останала таква. Земете нешто да сработите и мислете како ќе обезбедите плата за овој месец во ЈСП, тоа е поважно него да се занимавате со мене.

Искрено ви посакувам во овие 3 години што ви остануваат од мандатот да имате дупло подобри резултати од тие што јас ги постигнав во ЈСП Скопје.

А, да – во мое време во ЈСП се земаше плата до 5-ти во месецот и немаше ниту еден штрајк. 🙏💪

П.С. – бидејќи не знаете како, прашајте, не е срамота да се побара помош.

П.П.С. – очекувам јавно извинување за клеветите и навредите кон мене … да не мора да одиме по судови”, пишува во јавната порака од екс директорот на ЈСП Скопје
Игор Јанушев, кој сега е пратеник, до градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.

Арсовска се уште не се извинила.