24 години МИА

Медиумската информативна агенција – МИА денеска одбележува 24 години од своето активно работење.



Првата вест МИА ја емитуваше на 30 септември 1998 година, со што почна редовната продукција на информации за медиумите и граѓаните на земјава, во прво време со фотографии и текст, а денес и со видеопреноси во живо, целосен мултимедиумски израз и присутност на социјалните медиуми.

МИА е јавен информативен сервис, основан од Собранието на Република Македонија во февруари 1992 година, кој активно почна со работа пред 24 години. Својата работа државната агенција ја почна со дваесетина новинари, а денес има околу сто ангажирани лица – новинари, дописници од земјата и странство, сниматели, фоторепортери, стручни служби и логистика.

МИА е лидерска агенција во Северна Македонија, која според последните истражувања покрива 65 проценти од македонскиот медиумски простор, а ја користат традиционалните, но и онлајн медиумите, меѓународни организации и институции.

Во изминатите пет години новина е видеосервисот, како и преносите во живо, кои дадоа сериозен придонес, како за изворно информирање на граѓаните кои сакаа во живо да ги следат настаните, така и на новинарските екипи од мас-медиумите, кои поради пандемијата на Ковид-19 и здравствените протоколи беа спречени да бидат на местото на настанот. И по завршувањето на пандемијата, преносите во живо останаа препознатлив печат на Агенцијата. МИА произведува дневни информации, авторски текстови – интервјуа, стории, анализи, теми, специјални тематски потсервиси, клипинг за меѓународни институции, дневни и неделни пакет-информации, флеш вести, како и видео и фотосервис.

Во согласност со мултимедиумската функционалност, МИА своите информации, дневните настани, авторските текстови – интервјуа, теми, стории и анализи и преноси во живо ги објавува на својата интернет-страница и на јутјуб-каналот, како и преку директно емитување видеа на својата веб-страница и профилот на Фејсбук, Инстаграм и на Твитер.

МИА има соработка со над 50 регионални и светски агенции, дневна дистрибуција на медиумски продукти на МИА-сервиси до домашни, европски и светски институции. Претплатници на МИА се сите релеванти и влијателни ТВ-куќи, електронските и печатените медиуми во земјава, македонските амбасади во странство, странски дипломатски и други претставништва и мисии во Северна Македонија, како и медиуми на наши иселеници во странство.