Под наслов „Компромисот на Заев: Говориме на ист јазик, но меѓународно признат како два различни“, весникот „24 часа“ повикувајќи се на владини извори открива дека ова е една од петте формулции содржани во предлогот, кој македонскиот премиер Зоран Заев го донел на вчерашната средба со бугарскиот технички премиер Стефан Јанев, пишува Дојче веле.
„Според извори на ’24 часа’ од бугарската влада, гостинот предложил пет варијанти за компромис, кои треба да влезат во политичката декларација.
Меѓу нив имало и формулација за јазичниот спор, која гласела дека Бугарите и Македонците говорат истовремено на ист јазик, но и на различни, кои се светски признати одделно.
Се предвидувала и декларација дека двата народа се братски”, објави „24 часа“, пренесувајќи го и одговорот на премиерот на Јанев дека „ќе започне интензивна дискусија за предлозите уште денес“, пренесува Дојче веле.
Информацијата дека на масата е доставен конкретен предлог, вчера ја објави бугарскиот премиер.
„Делегацијата на Заев дојде со конкретен предлог, кој ќе го разгледаме сеопфатно и професионално во наредните денови. Сега ни е приоритет да создадеме атмосфера на доверба, пријателство и на дијалог, што ќе им помогне на нашите експерти и политичари да дојдат до решение“, порача Јанев по вчерашната средба.







