Бугарскиот весник „24 часа“ пишува дека Европската унија врши притисок врз Бугарија да го симне ветото за почеток на преговори со Македонија, како еден од условите за добивање на 6,5 милијарди евра од механизмот за закрепнување и одржливост.
„На 2 февруари Бугарија веројатно ќе добие одобрување за нашиот план за закрепнување, соопштија за ’24 часа’ добро упатени извори од Брисел. Но, пред тоа нашата земја треба да исполни неколку услови – дел од нив според самиот план, а другите се општополитички, еден од нив и да престанеме да го попречуваме влезот во ЕУ на РС Македонија и на Албанија. Тоа е лична амбиција на францускиот претседател Емануел Макрон, која наспроти дипломатскиот и јавниот говор беше одвраќана од канцеларката Ангела Меркел. Откако Меркел веќе се повлече, ќе биде вложено целото влијание на Франција и на блиската Полска за да почнат преговорите за членство на Македонија и на Албанија. Тоа не е формулирано како директен услов на Брисел кон Софија, зошто ќе изгледа како изнудување, но им е навестено доволно јасно на бугарските официјални лица од различни политички сили“, пишува „24 часа“.
Според бугарскиот Национален план за закрепнување и одржливост, Софија се надева дека од Брисел ќе добие неповратни средства од 12,9 милијарди лева.






