Бугарскиот весник „24 часа“ во денешниот број го коментира проблемот што Грција го има со името Македонија на нејзиниот северен сосед и констатира дека Бугарија е најоштетена, но сега не требало да го враќа тркалото на историјата, туку да ги охрабри Скопје и Атина да постигнат договор.
„Точно е дека по сплет на историски околности најоштетена е Бугарија. Егејскиот дел од околу 50 проценти остана во границите на Грција. Вардарскиот – околу 38 отсто, е во Република Македонија, а Пиринскиот – околу 11 отсто, е во нашите граници. Мали делови има во Косово, Србија и Албанија. Без да се враќаме назад во историјата, јасно е дека и во трите дела имало бугарско население, биле дел од бугарската држава и нам најмногу би ни одговарало да скандираме ‘Цела Македонија е бугарска’. Но, да не се враќаме векови наназад. Никој нема монопол врз името Македонија. Сега улогата ни е да ги охрабруваме Скопје и Атина да си ги стиснат рацете“, пишува „24 часа“ во коментарот насловен „А што да кажеме ние од Пиринска Македонија“.




