Дводневен самит на иницијативата „Отворен Балкан“ во Охрид

Во Охрид денеска почнува дводневен самит на регионалната иницијатива Отворен Балкан, на кој присуствуваат српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерите на Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, како и претставници од Црна Гора и БиХ.



На самитот ќе бидат потпишани повеќе договори и меморандуми за соработка во областа на високото образование, туризмот, културата и даночните служби.

Гостин на самитот ќе биде црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ кој ја поддржа иницијативата Отворен Балкан и ќе присуствува, како што најави, во улога на набљудувач.

Во улога на гостин на самитот ќе биде и претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија.

На официјалното отворање на самитот утре, покрај српскиот претседател Вучиќ, премиерот Ковачевски и Рама, како и Абазовиќ и Тегелтија, ќе се обратат и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, објави владата.

Отворен Балкан е регионална иницијатива формирана од Албанија, Северна Македонија и Србија, со цел зголемување на економската и друга соработка меѓу трите земји, како и подобрување на меѓусебните односи.