22 години затвор на поранешен командант на ОВК

Апелациониот совет при Специјалниот суд за Косово, чие седиште е во Хаг, му изрече денеска на поранешниот командант на ОВК, Салих Мустафа казна затвор во траење од 22 години, со што ја намали за четири години првостепената казна изречена пред една година.



Мустафа (51) беше член на Ослободителната војска на Косово (ОВК), која водеше војна за независност со Србија во 1998 и 1999 година.

Салих Мустафа беше прогласен за виновен за раководење со импровизиран центар за мачење, каде што тој и неговите луѓе брутално се однесуваа кон сограѓаните етнички Албанци кои ги обвиниле дека шпионираат за српските сили.

Мустафа беше уапсен од Специјалниот суд на 24-ти септември 2020 година, откако во јуни истата година беше потврдено обвинението против него.

Првостепениот судски совет на Специјалниот суд на 16-ти декември 2022 година го прогласи за виновен за воени злосторства, вклучувајќи произволно притворање, тортура и незаконско убиство, и го осуди на 26 години затвор.

Апелација му ја намали казната на Мустафа за дел од кривичните дела за кои е обвинет.

Ова е прв случај што е разгледуван од Апелацијата на Специјалниот суд од неговото формирање во 2015 година.