Во Прилеп и во месноста Карпалак денеска ќе бидат одбележани 22 години од загинувањето на армиските резервисти: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.
Тие беа убиени на 8 август за време на конфликтот 2001 година кај месноста Карпалак, на патот Скопје – Тетово, каде армискиот конвој беше нападнат од заседа.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски денеска ќе ја предводат делегацијата од Министерството за одбрана и Армијата на Македонија која на Карпалак ќе положи венец во спомен на бранителите.
Во Прилеп вчера почна одбележувањето на 22-годишнината од загинувањето на прилепските армиски резервисти кај „Карпалак“ со поклон пред спомен обележјето во кругот на касарната „Мирче Ацев“. Почит на загинатите пред спомен-обележјето во касарната делегации на АРМ, Владата и Општината, како и семејствата на загинатите и здруженија на бранителите.
Во чест на загинатите бранители, беа посетени нивниот споменик во прилепското село Лениште и манастирот „Света Петка“ во ова село.







