2030 година нов рок за граничниот премин „Клепало“ меѓу Македонија и Бугарија

Четвртвековната сага за поврзувањето на Македонија и Бугарија со нов граничен премин „Клепало“ меѓу градовите Берово и Струмјани ќе продолжи најмалку уште до 2030 година, за кога е поместен најновиот рок за негово целосно комплетирање, соопшти бугарското Министерство за регионален развој.



Пред две години македонската страна доби ветување дека пунктот ќе биде готов во 2023 година, а сега новото ветување е пролонгирано за седум години оттогаш, пишува бугарски „Медијапул“ за најголемиот проект за трансгранична соработка меѓу двете земји, инвестиција вредна 11 милиони евра.

„Проектот е болна тема за Северна Македонија, бидејќи нашиот западен сосед го изгради патот и граничниот пункт пред четврт век. Бугарија, пак, постојано ветува дека тоа ќе го направи, но тоа не се случува“, се вели во написот на бугарската вебстраница.

Имплементацијата на проектот е поделена во две фази. Првата е предвидено да заврши во 2026 година, а дотогаш ќе се вршат подготвителни активности поврзани со планирање, проектирање и избор на изведувачи. Во втората фаза од проектот ќе се реализираат градежните активности на инфраструктурата на граничниот комплекс и таа треба да биде завршена до 2029 година.

Ќе се градат неколку згради на бугарска територија и ќе се доврши патот дотаму. Од македонската страна на границата ќе се модернизираат постојните конструкции и објекти.

Бројот на луѓе кои ја минуваат границата меѓу Бугарија и Македонија се очекува да се зголеми од 657.000 на 722.700 луѓе годишно по пуштањето во употреба на новиот граничен премин.