Петицијата против доделување на формален статус на „Прва дама“ на сопругата на францускиот претседател Емануел Макрон, Брижит, која тргна пред две недели на интернет, досега е потпишана од страна на повеќе од 180 илјади луѓе.
Во текстот на петицијата, на порталот „change.org“, се наведува дека „не постои причина жената на шефот на државата да добива пари од јавни фондови“ и дека сопругата на претседателот Емануел „веќе има тим од три асистенти, две секретарки и две чувари“ и проценува дека „тоа е доволно“.
„Статусот „Прва дама“ ќе овозможи таа да добие пари од буџетот, да го зголеми бројот на вработени и возачи, да добие подобра заштита и други бенефиции“ се вели во петицијата, чии потписници бараат одлуката за ова прашање да биде донесена на референдум.
Во петицијата, иницирана од Пол Тиери Камериер, кој се претставува како „сликар и писател“ и „ангажиран граѓанин“ се вели дека во време на морализација во политичикиот живот во Франција не можат да поддржат специјален статус на Брижит Макрон.
Францускиот парламент во четвртокот усвои закон за моралност во политичкиот живот, според кој на министрите, пратениците и членовите на локалната власт им е забрането вработување на членовите на нивните семејства. Пратениците сепак, го отфрлија амандманот на крајната левица во кој се предлагаше оваа забрана да важи и за претседателот на државата и за членовите на неговото семејство, јавува Франс прес.
Емануел Макрон во време на претседателската кампања вети дека неговата сопруга ќе има јавна функција ако тој победи, но дека тоа нема да биде финансирано со пари од даночните обврзници.




