Берлин го отфрли наводниот “Нон пејпер” за нова поделба на Балканот

Германија го отфрла прекројувањето на границите на Западен Балкан по етничка линија и идејата е „ставена во фиока“, изјавил вчера германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас.



Мас реагира на наводната неофицијална дипломатска нота (Нон пејпер) што ги вознемири Балканците.

Според наводниот документ создавањето на Голема Србија, Голема Албанија и Голема Хрватска може да помогне во решавањето на националните тензии кои ја блокираат интеграцијата во ЕУ во регионот.

Според Ројтерс кој цитира дипломат во Брисел земјите-членки на ЕУ не разговарале за идејата.

„Идејата дека работите може да се решат со нови линии на мапата не само што е нереална, туку е опасно дури и да се започне оваа дискусија“, изјави вчера Маас пред новинарите во Приштина, главниот град на Косово.

„Идејата за поместување на границите е идеја што германската влада жестоко ја отфрла“, рече тој, додавајќи дека е среќен што идејата е „ставена во фиока“.

Дипломатската нота најпрво излезе во словенечките медиуми. Словенечкиот премиер Јанез Јанша ги демантираше извештаите во медиумите дека ги испратил до претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел, кој претседава со самитите на ЕУ, како предлог за тоа како да се справи со регионот откако Словенија го презеде претседателството со ЕУ во јули.