15 проекти за првите 82 дена – Арсовска ги повика граѓаните да гласаат за модерно Скопје

Во првите 82 дена од мојот мандат, преку програмата за модерно Скопје со сите 15+1 проекти и мојот 82 акциски план ќе ги исчистиме дивите депонии во градот, најави Данела Арсовска, независна кандидсатка за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.



– Ќе го промениме линискиот ред на градскиот сообраќај каде ќе се обезбедат помали временски интервали за автобусите и продолжување на линиите до заборавените места, а редовни ноќни линии ќе бидат воведени, посебно за време на викендот. Следно е отворање на телефонска линија за барања и помош на граѓаните. Ќе се формира и Зелениот градски совет во соработка со невладиниот сектор. Водно преку иницирање предлог закон ќе биде прогласена за заштитена парк шума. За граѓаните ќе биде воведена 24 часовна канцелариска служба и служба за брза реакција на нивен повик. Одбројувачите на секундите и зелените бранови на семафорите во градот ќе бидат вратени во функција. За лицата со попреченост ќе бидат обезбедени пристапни рампи во сите градски институции – рече Арсовска.

Таа додаде дека во соработка со Антикорупциска комисија ќе спроведат процес на ветинг на директорите на јавни институции под Градот и раководителите на сектори.

– Ќе се ревидира и приспособи процената на данок на имот. Предвидено е и формирање Совет за поддршка на жени претприемачи. Цените за паркинзите кои се под надлежност на град Скопје ќе бидат намалени до 25 отсто. Тимови од градот ќе направат процена на состојбата со заборавените населби во градот и ќе биде изготвен акциски план за спроведување на проекти за овие населби. И ова не е само изборно ветување, ова е моја обврска кон вас – рече Арсовска и се обврза на реализација на овие проекти во првите 82 дена од нејзиниот мандат..

Таа, исто така посочи дека времето за промени е дојдено, со оглед на многуте недостатоци и проблеми со коишто се соочува Скопје.