1,5 милијарди евра можат да бидат наплатени поради арбитражни постапки против Македонија

1,36 милијарди евра без затезна камата се побарувањата од меѓународните институции во арбитражните постапки кои во моментов се водат против Македонија. Вкупно со камата овој износ се искачува на над 1,5 милијарди евра соопшти на брифинг со новинарите вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, посочувајќи дека Владата прави сѐ за да го заштити интересот на државата.
На оваа листа влегуваат споровите на „Кунико ресорсис“ од Холандија за „Фени индустрис“, две постапки од индиски „Бинани“ во врска со рудникот „Злетово“, на „Хеленик Петролеум“ за „Окта“, постапката на Блажо Тасев против државата за рудникот „Саса“, потоа на повеќе украински инвеститори во врска со рудникот „Казандол“, како и на турски „Гама Гуч“ за „Те-То“ како и спорот на италијанската компанија „Инсо системи“ во врска со изградбата на Клиничкиот центар во рамки на комплексот „Мајка Тереза“ во Скопје.
Државата како победник излегла само во три случаи, пет постапки се уште се водат, а извесно е дека во најмалку две ќе мора да се плати штетата . Едниот процес е за италијанската компанија која требаше да го гради клиничкиот центар „ Мајка Тереза“ , а поради раскинување на договорот тие побаруваат штета од 18 милиони долари, а вториот процес сепобарувањата на Хеленик Петролеум за раскинатиот договор за мазут кој изнесува 21,5 милиони долари.