На 13 ноември 1944 година, борците од 42-ра и 50-та Народнослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада, го ослободија Скопје од фашистичка окупација.



По неколкудневните тешки борби со припадниците на 22-та гренадиска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“, која беше распоредена пред Качаничката Клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.

Денеска, делегации од институции и организации ќе оддадат почит и ќе положат цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел  на Алејата на заслужните граѓани во Бутел  и на споменикот  „Ослободители на Скопје” на платото пред владината зграда, а најавени се повеќе манифестации, работилници, изложби, промоции…

Детски културен центар „Карпош“ ја организира традиционалната манифестација „Го градам мојот град“, а Дирекцијата за култура и уметност  работилници на темите „Скопје, европска културна престолнина“ и „Минатото на Скопје се сеќава, а иднината на Скопје го запознава какво што некогаш било. За да го сака уште повеќе онакво какво што е сега“.

Во Градската библиоитеката „Браќа Миладиновци“, пак, ќе биде промовирана книгата „Книжевна мапа на Скопје“ од Моника Илкова, во централната зграда на националната Пошта ќе биде отворена  изложбата од конкурсот „Скопје на новата генерација”, во организација на Јуроп Хаус Скопје.

Традиционално, Град Скопје ќе ја додели наградата „13 Ноември“ на физички и правни лица чија цел е промовирање на константните вредности во науката, уметноста, здравството, културата, образованието и спортот.