Претставата “Мате Парлов”, е копродукција на Битеф театарот и театарот “Ulysses” и ќе биде изведена на 12. август во Бриони, по што најверојатно ќе се прави турнеја низ поголемиот дел од поранешна Југославија. Во насловната улога се појавува познатиот актер од овие простори Славко Штимац.
“Многу добро се сеќавам на Мате и на неговите борби. Голем шампион и интересна личност. Тоа беше чист бокс, а тој еден од најдобрите претставници на благородната вештина. За сите нас тој е некој вид на херој, не само заради сите медали, туку и поради скромноста. Јас би рекол дека дефинитивно тој носеше невидена харизма и затоа ми е големо задоволство што јас ќе ја имам главната улога во претстава која ќе се занимава со Мате”, им рече Штимац на хрватските медиуми.
Сценариото за претставата за познатиот југословенски боксер беше напишана од автори од Загреб, Белград и Љубљана: Зејец, Димитријевиќ, Радивојевиќ, Коканов и Цвитковиќ, а е во режија на Александар Швабиќ. Покрај Штимац ќе играат на Дејан Дедиќ, Луција Шербеџија, Катарина Бистровиќ Дарвас и Јерко Маричиќ.

Мате Парлов кој почина во 2008. година на 60. годишна возраст беше единствениот боксер во историјата на овој спорт кој освои олимписки, европски и светски аматерски злата, и титули кај професионалците во Европа и на светско ниво. Веројатно беше најдобар боксер на сите времиња во СФРЈ, а додека беше жив беше прогласен за најдобар спортист на Хрватска на 20. век. Осум пати бил југословенски шампион, петкратен шампион на Балканот, два пати светски и еднаш европски, а го освои и златниот медал на Олимписките игри во Минхен во 1972. година.

Претставата се занимава со тоа што Мате Парлов го претставуваше во општата свест на сите што живееја во овој регион, во кој, тој дефинитивно беше легенда. Интересно е дека Штимац и Парлов многу личат еден на друг, и нема сомнеж дека еден од најдобрите српски актери совршено потсетува на ликот на познатиот боксер.
Славко Штимац кој се прослави со улоги во партизанските филмови, по 20 години, лани се врати на театарската сцена на барање на Душан Ковачевиќ кој му додели улога во претставата “Клаустрофобична комедија” поставена на текст на Ковачевиќ.




