Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен предлог против 11 лица во врска со злоупотреби извршени при издавањето на патни исправи, при што, како што известуваа медиуми на криминалци и на странци со сомнително досие и им биле издадени дури 215 пасоши.
Со поднесениот предлог, 10 лица се обвинети за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик, а едно лице е обвинето за поттикнување при извршувањето на истото кривично дело.
Обвинетите, како службени лица вработени на различни позиции во МВР – Одделение за управни работи Скопје, поттикнати од обвинетиот Раиф Мифтари, кој е недостапен на органите на прогон, во период од средината на месец јуни 2017 година до крајот на 2020 година, прибавиле за себе материјална корист, правејќи лажни јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински.
Притоа употребиле податоци за идентитети на лица, државјани на РСМ, кои до сега не побарале и не се стекнале со македонска биометриска патна исправа, а се иселени од Македонија или од раѓање живеат во странство, кои немаат остварено влез во РСМ, но поседуваат македонско државјанство.
Со тоа обвинетите овозможиле на незаконски начин 214 странски и еден македонски државјанин да се стекнат со патни исправи на РСМ под туѓ идентитет.
Јавниот обвинител за седуммина обвинети, меѓу кои и лицето недостапно на органите на прогонот побара продолжување на претходно определената мерка притвор. Едно лице од претходно е во притвор во постапка за друго кривично дело. За тројца пак на сила се определени мерки на претпазливост.
Обвинителството продолжува да истражува за вмешаност и на други лица во издавањето на нелегалните патни исправи, кои според според хиерархиска поставеност, биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите…







