103 години од убиството на Ѓорче Петров

На 26 јуни 1921 година во Софија бил убиен Ѓорче Петров, една од личностите кој целиот свој живот го посветил на борбата за слобода на македонскиот народ.



Тој бил еден од најверните идејни соработници на Гоце Делчев и истакнат заштитник на целите и на принципите на Внатрешната македонска револуционерна организација.

Иако бил противник за предвремено кревање востание на македонскиот народ, тој зел активно учество во Илинденското востание од 1903 година.

Роден бил во Варош, Прилепско, на 2 април 1865 година.

Општина Ѓорче Петров денеска пред споменикот на патронот Ѓорче Петров во реонскиот парк со пригодна свеченост и положување цвеќе од страна на бројни делегации, одбележа 103 години од неговата смрт.

Општината со гордост го носи името на револуционерот и идеолог Ѓорче Петров кој поставил здрави темели на кои денеска се потпира Македонецот.

„Петров останува пример за сите нас како се сака и чува својата татковина, Република Македонија. Неговата посветеност кон македонското револуционерно дело, работа, дејност и истрајност е историја за која веќе еден век генерациите учат како е правилно“ – соопштија од Општина Ѓорче Петров.

Ѓорче Петров, се додава во соопштението од Општината, неизмерно ја сакал Македонија и во своите дела ја опишувал како една од најубавите земји.

„И од тие дела сме учеле сите, а учат и новите млади генерации. Да живее споменот за Ѓорче Петров“ – подвлекуваат во соопштението од оваа локална самоуправа.