Причина за смртта кај 24-годишното момче од битолското село Цапари, кое вчера почина во Битолската болница е десеминирана интраваскуларна коагулација, покажа обдукцијата.
Од Битолската клиничка болница потврдуваат дека обдукцијата завршила, ден по смртта, и дека наодот покажал дека смртта кај момчето настапила заради тешка инфекција и внатрешно крварење на органите, ппренесува тв 24.
24 годишното момче последните три дена пред да се јави во болницата земал таблети амоксиклав, кои биле препишани од матичен лекар, а во вторникот, на 26 септември било лекарски третирано и му била дадена терапија, по што било пуштено дома, но ноќта меѓу вторникот и средата момчето повторно добило висока температура, по што дошло до влошување на состојбата. Во таква ситуација тој се вратил во болница, бил примен со многу висока температура и веднаш бил згрижен на одделот за Интензивна нега, но иако лекарите конзилијарно го третирале, од час во час состојбата се влошувала, па, по речиси десет часа од хоспитализацијата починал, појаснува директорката Ивановска.
По смртта на 24 годишникот, министерот за здравство, Фатмир Меџити, иницираше Државниот санитарен и здравствен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор во установата.
– По утврдување на фактичката состојба и изготвување на извештајот од страна на ДСЗИ, јавноста навремено ќе биде информирана. – велат од министерството за здравство.
Смртта на младото момче од Битолско Цапари ја вознемири битолската јавност, бидејќи од почетокот на годинава, ова е четврти смртен случај во битолската болница, по оној на шестгодишната Јана во март, на новороденчето кое почина само два часа по породувањето, во април, но и мртвороденото бебе на младата мајка Крстеска.
Извор: тв 24






