Mеѓународниот празник кој се одбележува на 1 Мај , е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците и во во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго, САД.
Историјата на празникот е поврзана со работничкото движење во 19 век и протестите на работниците за почитување на социјалните права.
На 1 мај 1886 година американските синдикати одржаа голем национален штрајк, во кој учествуваа над 300.000 работници, барајќи воведување на официјален 8-часовен работен ден.
По тридневните протести во Чикаго, полицијата и приватното обезбедување ги растераа демонстрантите, при што беа повредени околу 200 луѓе, а убиени најмалку четири лица.
Во 1889 година, основачкиот конгрес на Втората интернационала, одржан во Париз, повика на меѓународни демонстрации во знак на солидарност со протестите во Чикаго.
Во 1904 година, Меѓународната социјалистичка конференција во Амстердам ги повикува „сите социјалдемократски партии и синдикати од сите земји енергично да демонстрираат на Први мај за официјално признавање на 8-часовниот работен ден, за светски мир“.
Бидејќи најефикасниот начин на демонстрација беше штрајкот, конгресот одлучи дека е „задолжително сите пролетерски организации во сите земји да ја прекинат работата на 1 мај, секогаш кога е можно без негативни последици за работниците“.
Постепено, во текот на последните години од 19 век и на почетокот на 20 век, 1 Мај е сè помасовно прифатен и одбележуван, многу често и со големи протести. Во повеќето земји од светот овој ден е прогласен за државен празник.
Необичен е фактот дека само во САД, каде што всушност и сè започнало, празникот на трудот веќе не се одбележува на овој датум, туку под името Ден на трудот се празнува првиот понеделник во септември.
Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот, пред сè во поранешните и сегашни социјалистички земји.
И во Република Македонија, Меѓународниот ден на трудот има статус на празник. До 2006 година, тој се празнувал 2 дена, на 1 и 2 мај, а од 2007 година се празнува само еден ден.





