„Полицијата, Обвинителството и судскиот систем, треба да постапуваат транспарентно, со целосно почитување на највисоките стандарди. Секако, ние и Европската унија рековме дека одговорните за настаните од 27-ми април треба да понесат одговорност, но, во процесот, исто така, мора да се почитува пресумпцијата на невиност. И денеска во Парламентот ќе има важна дискусија. Тоа е улогата на Парламентот – да дискутира. Тоа е дел од демократското владеење“, изјави денеска американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли, јавува дописникот за „Гласот на Америка“ – ВОА (Voice of America) од Скопје.
Основниот суд Скопје 1 вчера испрати соопштение дека за насилствата во Собранието на 27-ми април, по барање на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, судија на претходна постапка на 13 лица им одредил притвор во траење од 30 дена, додека на шест лица им е одреден куќен притвор. Против овие лица се води постапка поради основано сомневање за сторено кривично дело – Терористичко загрозување на Уставниот поредок и на безбедноста, од член 313 од Кривичниот законик.





