Џеладини ги повикува „државотворните Албанци“ да ја „заживеат Илирида“, што е разбивање на територијалната целост и унитарноста на РМ!

„Ако македонските креатори на политиката и по овие три и пол децении сè уште не сакаат да се согласат дека албанскиот народ е рамноправен со македонскиот народ, тогаш треба да се активираат други демократски механизми: да заживее Илирида како голем капитал на Албанците со нивниот референдум од 1992 година, поддржан сто проценти од нив! Сите Албанци треба да се обединат и да донесат одлука, со која ќе го дефинираат својот статус како државотворен народ!“ – вели во својата колумна Етем Џеладини, публицист  и поранешен раководител на Сојузот на наставници-Албанци во Македонија, но и означен како „активист за албанската национална кауза“. Колумната со наслов „Што треба да се случи, за да бидат заедно креаторите на албанските политики кога се во прашање националните интереси?!“ ја објавија „Опен-ТВ.МК“ и други информативни портали на албански јазик во Македонија и Балканот. Заканувачката колумна на Џеладини е не само јавен повик до албанските политички партии да ја „оживотворат Република Илирида“, туку и јавен повик за разбивање на територијалниот интегритет и унитарноста на Република Македонија! Редакцијата на информативниот портал „Експрес“ ја пренесува оваа колумна, само заради објективно запознавање на македонската општествено-политичка јавност со ваквите крајно проблематични ставови, пласирани и ширени преку колумните и медиумите.



Покрај другото, во својата колумна натаму Џеладини пишува: „Зарем не се доволни за албанските политичари овие акробации на државните институции во * Македонија кога се во прашање правата и интересите на албанскиот народ? Како е можно веќе три и пол децении, а особено по војната во 2001 година, Албанците сè уште да се третираат како питачи за нивните права?“

„По многуте од уставните измени и судски одлуки, кои со децении ги обезвреднуваат и оние малку нивни права, зарем не е крајно време Албанците да се обединат и да одлучат еднаш засекогаш да го дефинираат својот статус како државотворен елемент? Да одлучат албанскиот јазик да биде официјален на целата територија на * Македонија, како и за официјалната употреба на симболите и националното знаме?“