Бугарскиот европратеник Илхан Ќучук со невообичаено остар тон кон Македонија како известувач за неа во Европскиот парламент во мандатот што му изминува.



„Македонија 20 години преговара за ЕУ. Исполни голем дел од европското законодавство, но не е Бугарија таа што ја спречува да влезе во Унијата. Бугарија го направи можниот договор со Северна Македонија, кој беше изгласан и од бугарската и од македонската влада. Тоа беше успех и за двете дипломатии. Ова не е некаков диктат од Бугарија. Бугарија не ги наметна своите услови. Ги применивме само европските услови кои самите ги прифативме и не ни беше лесно“, изјави тој за бугарската Нова ТВ.

„Наместо Скопје да вели дека ќе ги смени правилата на ЕУ, мојот совет е да се направи национален консензус за оваа тема. И на крајот да одлучат каде сакаат да оди Македонија – дали сака да раскине со тоталитарното минато и да продолжи според правилата, почитувајќи го секој граѓанин, дури и Бугарите, или сака да се врати назад и да живее во темните сенки на минатото. Низ тоа помина и Бугарија. Не беше лесно, но го направи тоа“, додаде членот на ЕП од Движењето за права и слободи (ДПС) и лидер на Алијансата на либерали и демократи на Европа (АЛДИ).

„Другата точка е раскинувањето со историското минато. Тешко е затоа што е тоталитарно. Навистина е тешко, но токму поради овој раскин, Бугарија прва ја призна Македонија за да обезбеди демократски пат што ќе нè поврзе со Западот“, коментира Ќучук, кого скопскиот приватен универзитет ФОН пред две години го прогласи за свој почесен доктор на науки.