„Не сум изненадена, очекував уште пред две години кога се формираше друштвото дека таа идеја ќе се развива и ќе се чекаат поволни политички услови и да се финализира.“ – реагира академик Катица Ќулафкова од Македонската академија на науки и уметности во врска со иницијативата, поддржана од албанската коалиција Вреди да се формира паралелна „Академија на науките и уметностите на Албанците“ во државата. Ова го објави Македонскиот медиа сервис (ММС).
ММС пишува: Зборувајќи во емисијата „Стадион“ на Канал 77, Ќулафкова потсетува дека ова би била трета академија на Албанците на овој мал простор, покрај тие што постојат во Косово и Албанија, бидејќи се работи за иста култура и блиска култура и народ. „Политички гледано, ќе се се изврши обид иницијативата да помине во законски рамки во Собранието. Легитимно право на секој научник, вклучително и на оние кои се по етничко потекло – албанско и друго, да бараат, да претендираат да се зачленат во националната Академија МАНУ. Но, за тоа треба да ги исполнат критериумите, кои се предвидени и да се вклучат во постапката, регуларно и предвидено со закон и со Статутот на МАНУ.“ – нагласува Ќулафкова.
Според неа, оваа иницијатива на коалицијата Вреди треба да се земе сериозно за разгледување, а не со потценување. „Ваквите барања не ги сметам како обичен фолклор, ниту како предизборен фолклор, на што сме навикнале кај нас. Ова е малку посериозен предлог во смисла политички, бидејќи уште од 2001 година се бара финализација на создавањето албански институции паралелни со македонските институции. Ова е дел од долгорочна стратегија.“ – изјави Ќулафкова.
Што се однесува до аргументот на Изет Меџити од коалицијата Вреди дека нема Албанци во МАНУ, дури и административци, не само научници, академик Ќулафкова вели дека е повеќе од 20 години е член на МАНУ и оти сите кандидати сериозно биле разгледувани и сите, кои поминале низ одделенијата, и биле примени.
„Пред три години кога се примаа нови кандидати, имаше добри кандидати, но имаше еден Албанец, но тој не го доби мнозинството. Друг кандидат не сме имале. Не доликува, несоодветно е за високо-научни, или уметнички кадри да се жалат како обесправени, бидејќи во Македонија сите државни награди, сите државни позиции – универзитетски, раководни, во администрацијата… се отворени за Албанците и дури над она, што го предвидува Охридскиот договор, или што е вообичаено во нормална држава. А јас не сметам дека ние сме баш нормална држава. Бидејќи во нормална држава не се разговара никогаш за етничко потекло, туку секогаш се разговара само за резултати и за афирмираност, или интегрираност на дадено уметничко дело во наши кругови, или во светот. Што дошло кај нас било примено.“ – посочи Катица Ќулафкова.





