Ќе стави ли ред со цените Законот за потрошувачи кој влезе во Собрание?!

Некои од ланците супермаркети одлучиле да водат политичка борба против Владата, вели премиерот. Христијан Мицкоски додава дека одлуката е донесена без рализка на тоа дали на некој тоа му се допаѓа или не му се допаѓа – истата мора да се почитува.



  • Во парламентот ќе имаме законски измени, треба првин тие да се донесат за да може потоа сето ова да се примени. Иако тоа наиде на потсмев кај одредени медиуми и кај опозицијата, таканаречениот израелски модел, гледаме доста од европските влади веќе го прифаќаат како таков. Ние бевме меѓу првите, во собраниска процедура е измената на законот. Откога ќе биде завршена и донесен законот, сметајте дека тие ќе бидат обврзани и ќе мора да го почитуваат сето тоа“, рече премиерот Мицкоски.

Измените на законот за потрошувачи влегоа во собраниска процедура. Трговците ќе имаат обврска да ги истакнуваат производите со продажната и единечна цена на недвосмислен, видлив и читлив начин, а истото да го објавуваат и на интернет – со што потршувачите полесно ќе може да ги споредуваат. Предлагачите, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, сметаат дека со ова ќе се обезбеди подобра информираност, а може да влијае и на намлување на цените поради зголемената видливост на конкуренцијата.

  • Со објавувањето на цените на интернет ќе се обезбеди постигнување на следниве цели. Првата е транспарентност. Потрошувачите ќе имаат лесен пристап до информации за цените. Втората е фер конкуренција. Трговците ќе бидат подеднакво обврзани да ги почитуваат овие одредби. И третата, заштита на потрошувачите. Тие ќе бидат заштитени од нефер практики како што се скриени трошоци или нејасни цени. Овој закон досега успешно е имплементиран во Израел, Италија, Франција и Хрватска и секаде има намалување на цените, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Откако СДСМ седум години беа на власт имаа низа неуспешни обиди да ги зауздаат цените, сега од позиција на изразуваат незадоволство што бил одбиен законот за намалување на ДДВ-то за струја од 18% на 5%, и укинување на ДДВ-то за храна.

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, денеска во Собранието изрази незадоволство од одлуката на владејачкото мнозинство да не ги поддржи предложените измени и дополнувања на Законот за ДДВ. 

  • Со предложените измени и дополнувања на законот за ДДВ предвидовме одржливи решенија. Намалувањето на ДДВ-то за струјата ќе значеше 13 посто пониски сметки за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари граѓаните ќе заштедеа најмалку 400 денари месечно, а за повисоки сметки заштедата ќе беше уште повисока. Истото важи и за прехранбените основни производи, изјави пратеникот Фатмир Битиќи.

Во време на СДСМ, поточно во јули 2023-та година ДДВ-то на струјата и покрај сите предупредувања и од регулаторот и од енергетичарите дека не е време за тоа, се покачи од 10 на 18 отсто. Во време на СДСМ имаше и таканаречени луксузни производи за кои Владата стави повисок данок, но на листата се најдоја производи како сладоледот, чипсот, лутеницата иако требаше со повисок данок да се производи како перки од ајкули или кавијар.

Инаку, Комисијата за заштита на конкуренцијата откри картелско здружување, односно договарање на цените кај неколку синџири маркети, за што е поведена прекршочна постапка.