Синдикалците и газдите во обид да се усогласат дека работникот заслужува повисока плата но сепак последниот због го има Владата, која првично кажа дека нема пари за субвенции на повисока минимална плата од законски утврдената која ќе следува.
Висината на минимална плата во бруто-износ за март секоја година се усогласува со 50% од порастот на просечната плата и 50% од порастот на трошоците за живот за претходната година. Висината на минималната плата не може да биде пониска од 57% од висината на просечно исплатената нето-плата во државата.
Во услови на инфлациски удари и кога е драстично намален животниот стандард на работниците, темата за минималец повторно станува актуелна. Сè почесто се слушаат предлози во јавноста, од синдикатите и од опозициските партии, за покачување на минималната плата на 500 евра, односно 30.000 денари, затоа што сметаат дека сегашниот износ на минималецот од 22.500 денари не е доволен за покривање на основните потреби на работниците и дека по овој основ, Македонија е на дното во споредба со државите од регионот.

Од Организацијата на работодавачите, пак, велат дека законското усогласување на минималецот согласно со новата методологија, од 1.700 до 1.800 денари, со што најниската плата во земјава би скокнала од 22.500 на 24.400 денари, не би требало да предизвика некои поголеми проблеми во работењето на компаниите. Работодавците се согласуваат и за зголемување на минималецот доколку Владата им ги плати зголемените давачки за придонеси. Сметаат дека Владата треба да им помогне на фирмите да го издржат дополнителниот товар, односно да ја покрие разликата во придонесите што ги плаќаат сега и што ќе ги плаќаат тогаш.
Од Владата, пак, сметаат дека синдикатите и работодавците треба да решат за висината на минималната плата, и ќе биде прифатено тоа. Доколку не се најде заеднички јазик на следниот Економско-социјален совет, од синдикатите не се откажуваат од борбата и најавуваат дека ќе го решаваат зголемувањето по сектори, односно да се почне со пораст на платите во оние сектори што земаат минимална или под минималната плата, а такви се над 20 илјади работници, од кои најголемиот дел работат во мали и средни претпријатија.





