Претставничкиот дом на САД е подготвен, по неколку месечно одлагање, да гласа овој викенд за пакети од американската воена помош за Украина и Израел во вредност од десетици милијарди долари.



Како што пренесува Би-Би-Си, двата предлози имаат гласни противници во Конгресот, а надежите за донесување на тие одлуки зависат од кревката двопартиска коалиција која треба да ги надмине процедуралните и законодавните пречки.

Претставничкиот дом треба да гласа за конечното одобрување во недела навечер, по наше време, а Сенатот под контрола на демократите може многу брзо да го одобри пакетот, можеби веќе овој викенд.

Претседателот Џо Бајден вети дека ќе го потпише законот.

Предложениот пакет помош предвидува 60,8 милијарди долари за Украина, 26,4 милијарди долари за Израел и 8,1 милијарди долари за индо-пацифичкиот регион, вклучувајќи го и Тајван.

Администрацијата на Бајден предупредува дека ситуацијата во Украина е страшна. Армијата е при крај со муниција, а моралот е низок бидејќи руската армија добива на терен.

„Постои многу реален ризик Украинците да ја загубат војната до крајот на 2024 година или да го доведат рускиот претседател Владимир Путин во позиција во која тој би можел да ги диктира условите на конфликтот“, рече директорот на ЦИА Вилијам Барнс за време на говорот во четвртокот.

Украинскиот премиер Денис Шмихал рече дека на неговата нација и е потребна помош „вчера, не денес или утре“ и предупреди дека Украина ќе падне без американска помош.

„Ова е клучен момент“, рече Џо Бајден во средата.