Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, се соочува со последното судско сослушување во Велика Британија за да избегне екстрадиција во САД каде го обвиненуваат за шпионажа.
Високиот суд во Лондон по дводневното сослушување кое почнува денеска , може да го блокира неговиот трансфер во САД.
Австралискиот новинар е во британски затвор од април 2019 година, откако помина години во самопрогонство во еквадорската амбасада во британскиот главен град.
Асанж, кој 10 години избегнува екстрадиција во САД, е обвинет по 18 обвиненија за објавување на стотици илјади доверливи документи во 2010 година на Викиликс, кои ги разоткрија неправилностите на американската војска во Ирак и Авганистан.
Неговата екстрадиција веќе еднаш беше блокирана во 2021 година од страна на судија во Лондон, бидејќи австралискиот новинар веројатно ќе се самоубие доколку биде задржан во американски затвор.
Доколку двајцата судии – Викторија Шарп и Џереми Џонсон – донесат одлука против новинарот, тој тогаш може да поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права за да ја блокира неговата екстрадиција.
Неговите поддржувачи стравуваат дека тој би можел да биде екстрадиран во САД пред да може да се жали до европскиот суд, и ветија дводневни протести пред Високиот суд во Лондон.
„Ова рочиште го означува почетокот на крајот на случајот за екстрадиција, бидејќи сите основи што овие судии ги отфрлија не може дополнително да се обжалат во ОК – што го доведува Асанж опасно блиску до екстрадиција“, соопшти групата за слобода на печатот Репортери без граници.
Австралискиот парламент побара новинарот да биде вратен во неговата родна земја минатата недела.






