По вчерашната изјава на министерка за образование и наука, Весна Јаневска, дека нема да има зголемување на платите на наставниците, од СОНК рекоа дека следува 12 проценти зголемување и ќе остават простор за дијалог до 15 септември. Министерката беше запрашана дали би ја сменила одлуката.
Без штрајк и бојкот ќе стартува новата учебна година. Синдикатот за образование и наука очекува да најде заеднички јазик со министерката Јаневска, за просветните работници да добијат плати повисоки за 12 проценти.

„Секако дека ќе разговараме со сите социјални партнери и секако дека ќе бараме начин да ги мотивираме наставниците на сите можни начини. Наставниците не се депримирани само поради средствата со кои се покрива нивниот труд, има и многу други елементи што ги вознемируваат и прават незадоволни. Почитта од страна на родителите, почитта од страна на учениците, почитта од страна на општеството итн.“, вели Јаневска.

Таа додаде дека се отворени за разговор и дијалог, но мора реално да се согледаат можностите.
„Сите вие знаете каква девастирана држава наследивме, и тоа не само во образованието, ние сега треба да го спречиме слободниот пад на државата, да го стабилизираме, да го придвижиме кон нулата и оттука да почнеме да градиме напред. Образложувам зошто е потребно и грчевито ќе се борам, но реалните можности се тие. Доколку изнајдеме решение, кое не зависи само од министерот за образование и од нашите желби, доколку се отвори некаква можност, сè доаѓа во обѕир, но во овој момент јас таа можност не ја гледам“, заврши Јаневска.





