„Земјите членки од регионот наместо да бидат спонзори и поддржувачи на своите соседи при проширувањето, повеќе се oпструктори и уценувачи, а сега и ‘надзорници’ на проширувањето на ЕУ, односно на евроинтегративниот пат на Македонија, па и на другите земји-кандидати. Изјавите на Софија и Атина за ‘одлучувачката улога’ и ‘надзорник’ на македонските евроинтеграции даваат само привид за некаква нивна моќ во надворешната политика, но таа со текот на времето ќе спласне, бидејќи нема реална поткрепа во меѓународното право и во фундаменталните принципи на Унијата.“ – се нагласува во анализата со наслов „Нема нужност од ‘добрососедски надзорен орган’ на патот кон Европа“ на новинарката Јасминка Павловска, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Се покажа како неефикасна и погрешна досегашната стратегија на попустливост спрема условите, што немаат копенхагенска основа
Покрај другото, во анализата се наведува: Долгогодишните експерти, што ги следеле процесите во Европската Унија велат дека при досегашните проширувањано вакви уцени со идентитетски прашања не биле поставувани и биле несвојствени за принципите на една демократска унија. Македонските експерти за евроинтеграции сметаат дека здружувањето на Грција и Бугарија во една непринципиелна коалиција, со изјави дека „патот на Западен Балкан до ЕУ“ води преку нив, е реакција и притисок врз новите македонски власти, кои најавија поинаков пристап во евроинтеграциите.
„Ваквиот заеднички синхронизиран притисок, со ист говор на политичарите од Грција и Бугарија за евроинтеграциите на Македонија, па и на регионот, е насочен да го засилат стравувањето кај новоизбраните македонски власти, кои имаат поинаков став во однос на уцените што доаѓаат од соседските земји-членки на ЕУ. Но, во Македонија немаме никаков простор за прифаќање на таквите уцени. Немавме ни претходно, кога беа прифатени многу болни отстапки, што се покажа дека не го постигнаа очекуваниот и ветен напредок во евроинтеграциите. Но многу зависи и од тоа како ние во Македонија, па и регионот, ќе се поставиме спрема ЕУ. Досегашната стратегија на попустливост спрема сите услови се покажа неефикасна и погрешна. Потребна е нова стратегија за ЕУ, која беше најавувана, но засега не гледам конкретни чекори. Многу е потешко да се поправаат грешките направени во евроинтегративниот процес отколку да се продолжи, но Македонија нема друг избор, освен да го прифати потешкиот пат – без нови отстапки погубни за националниот интерес.“ – вели експертката за евроинтеграции Малинка Ристовска–Јорданова.
Македонскиот евроинтеграциски пат да ги заобиколи уценувачките „правила“ на Атина и Софија
Сега прикаската се надградува дека за тоа Софија и Атина добиле „дозвола од ЕУ“. Со молчењето на Брисел Софија и Атина земаат сила и си даваат сѐ повеќе на значење дека имаат „одлучувачка улога за македонските евроинтеграции“. Но, според политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, Софија и Атина немаат некое реално „полномоштво“ од Брисел да се однесуваат како регионални хегемони, антидемократски и анахроно. Според него, преку невообичаената преговарачка предлог-рамка на ЕУ за Македонија, односно т.н. „француски предлог“ премногу им се угоди на уцените на Грција и Бугарија да се однесуваат како самоволни „надзорници“, но голема вина и одговорност има прифаќањето на таквите нивни позиции од страна на претходната влада на Македонија.
„Најмудро е за Македонија во овој миг да не им придава големо внимание на ваквите грчки и бугарски самофалби и да се насочи кон средување на внатрешните состојби – политички, пред сѐ економски, а приоритетно да биде справувањето со корупцијата.“ – вели Пекевски.






