Јањатов: Лоши пораки на ЕУ – именува Грк како свој претставник во РМ, а Бугарин како известител за РМ во Советот на Европа!

„Пораките, што ги праќа Европа до Македонија, не се охрабрувачки. Назначувањето на Грк како претставник на ЕУ во Македонија е многу лоша работа. Во Советот на Европа Бугарин е известител за Македонија. Тоа се јасни пораки од ЕУ кон нас. Треба да се престане со вазалската политика и да се почне со политики, кои ќе бидат на линија на македонските национални интереси.“ – нагласува поранешниот дипломат Драган Јањатов во изјавата, која е содржана во анализата под наслов „Македонија ѝ нуди шанса на ЕУ да си го обели образот“, објавена во весникот „Нова Македонија“.



Има ли волја во Брисел за отстранување на билатералните прашања од евроинтегративниот процес?

Натаму, покрај другото, во анализата се истакнува: Македонија покажа волја да ја исполни својата стратегиска цел – членство во ЕУ. Дури за таквата повисока цел жртвуваше работи, што ниту една земја не е подготвена да ги жртвува, почнувајќи од промената на името и знамето. Жртвуваше дел од идентитетот и белезите, што се македонско одличие, за да стане час поскоро дел од европското семејство. Тоа „час поскоро“ се претвори во агонија без крај, во која со секој нов ден излегуваат ново и ново барање. Ова ја наметнува дилемата кај граѓаните: дали е оваа истата ЕУ, што беше наша стратегиска цел?

Грција, а подоцна и Бугарија ја искористија шансата да го билатеризираат целиот македонски евроинтегративен пат, кој сега наликува на приказна на која не ѝ се гледа крајот. Грција ја доби битката за името и привремено е притаена додека почне да испорачува нови барања. Бугарија е во позиција да го контролира пристапниот процес на земјава и кога и да посака да излегува со нови барања, како што беше првото за уставни измени и впишување на македонските граѓани со бугарска самосвест во македонскиот Устав.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски повика на прекин на билатерализацијата на евроинтегративниот процес, истакнувајќи дека Брисел треба да покаже политичка волја за решавање на предизвиците, што ја засегаат Македонија. Според Мицкоски, проблемот не е во волјата на македонските граѓани или политичари за уставни измени, туку во подготвеноста на Европската Унија да ги реши овие прашања.

Поранешни дипломати и аналитичари се на ставот дека ЕУ мора да преземе нешто за да ја промени оправданата претстава кај македонските граѓани дека зачленувањето на Македонија во ЕУ нема никогаш да се случи, ако процесот продолжи на овој начин. За дел од аналитичарите повикот на македонскиот премиер до Брисел да ги ослободи евроинтеграциите од билатералните прашања е разумен чекор.

Она што го бара Мицкоски, да се тргнат билатералните прашања од пристапниот процес, е можност и ЕУ да започне со внатрешниот реформски процес. Унијата најави дека една од првите промени ќе биде укинувањето на консензуалното одлучување, што досега беше главна пречка за нашиот евроинтеграциски пат. Брисел може да стави до знаење дека билатералните прашања ќе се решаваат надвор од Унијата. ЕУ е свесна дека со толерирање на билатералните прашања конечно ќе го закопа проширувањето, кое е и онака пред колапс. Брисел како услов за секоја земја треба да ги постави критериумите од Копенхаген, начелата на меѓународното право и да се држи до нив. Тоа е единствената шанса ЕУ да ја врати довербата кај граѓаните, кои сѐ помалку веруваат во европските дволични политики.“– заклучуваат соговорниците.