Јанев: Со раскин на Преспанскиот и со просто мнозинство во ГС на ООН може да се врати името Македонија, но и да запре бугаризацијата!

„Успехот на Палестина укажува дека со добра стратегија и пристап може да се издејствува враќање на уставното име Република Македонија преку гласање во Генералното собрание на ОН, каде што се гласа според принципот на просто мнозинство. Имајќи предвид дека близу 150 држави ја имаа признаено земјава под претходното уставно име, гласањето во Генералното собрание може да помине во полза на Македонија, бидејќи Грција тешко ќе може да ги убеди сите да постапат спротивно на меѓународното право, без оглед колку и да има сојузници.“ – се нагласува во анализата со наслов „Враќањето на името не е невозможна мисија!“ на новинарот Сашо Таневски,  која е објавена во весникот „Нова Македонија“.



Меѓународното право е на македонска страна

Покрај другото, во анализата пишува: Нејасната европска перспектива пред Македонија и постојаните условувања, што ги наметнува официјален Брисел, создадоа револт и незадоволство кај мнозинството македонски граѓани, кои сметаат дека државата непотребно го смени уставното име. Тие остануваат и натаму гласни и јасни во пораките дека кога Европската Унија ги изигра македонската доверба и направената жртва, тогаш редно е и Македонија да се избори за исправање на неправдата, со која најбезобѕирно беа прекршени меѓународното право и нормата јус когенс. Кога станува збор за почитувањето на меѓународното право, тогаш Македонија ги има сите меѓународноправни алатки институционално да ја исправи грешката, што ја направи претходната политичка структура, прифаќајќи промена на името без согласност на граѓаните и со тоа загрозувајќи го директно македонскиот идентитет. Сопствената грешка треба да ја исправат и ОН.

Борбата за враќање на уставно име Република Македонија не е јалова работа и во одреден момент тоа е сосема можно и легитимно. Ова го покажува и најновиот пример на Палестина, која по долгогодишна борба успеа да обезбеди официјално место меѓу членките на ОН. Во мај, огромното мнозинство членови на Генералното собрание тврдеа дека Палестинците заслужуваат полноправно членство, што беше блокирано од САД. „Генералното собрание на ООН има првична надлежност кога се работи за членските права, таквите се името и знамето во ООН. Ако реши да бидеме БЈРМ ќе бидеме БЈРМ, но ова е малку веројатно. Поверојатно е да биде прифатена нашата нацрт-резолуција, во која ќе инсистираме да го продолжиме членството под името Република Македонија.“ – нагласува д-р Игор Јанев, професор по меѓународно право во Институтот за политички студии од Белград.

Воден од своето долгогодишно искуство, експертиза и познавања на меѓународното право, професорот Јанев веќе неколку години заговара раскинување на Преспанската спогодба како создавач на сите проблеми, кои на крајот можат да бидат погубни за македонскиот идентитет. „Раскинувањето на Преспанскиот договор е основната претпоставка за запирање на бугаризацијата, поточно на бугарската асимилација, и поврзано со ова за враќањето на името Република Македонија, односно за отстранување на ‘Република Северна Македонија’! По раскинувањето на Преспанскиот договор  неопходен чекор е да се извести генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации (ООН) и да се бара отстранување на овој акт од регистарот на ООН како раскинат договор. Потоа, државата мора да поведе акција преку предлог-резолуција на Генералното собрание на ООН за продолжување на членството на државата ‘Република Северна Македонија’ под името Република Македонија во ОН. Грција нема да седи со скрстени раце и ќе ги повика САД, Франција и Велика Британија да свикаат седница на Советот за безбедност на ООН, бидејќи ‘Република Северна Македонија’ еднострано го раскинала Преспанскиот договор, со што ќе се обиде да ја наметне претставата дека со тој чин ‘се загрозуваат регионалниот мир и безбедноста’. Натаму, во таа насока Грција ќе бара од СБ да донесе препорака и одлука, со која ќе ѝ наложи на Македонија да мора повторно да се обврзе со истиот акт (Преспанскиот договор), или да седне на маса и да започне со нови преговори за идентитетот базирани врз (претходно раскинатиот) Преспански договор. Маневарскиот простор на СБ на ООН е многу мал и објективно крајно ограничен, ако  Македонија цврсто застане на позицијата дека нема намера повторно да го склучи раскинатиот акт, што е суверена одлука на секоја држава, ниту да преговара за новото име.“ – објаснува Јанев.

Токму затоа тој ги искористи примерот со Палестина и нејзината постапка како да се заобиколи Советот за безбедност и членските права да се остварат преку Генералното собрание на ООН. „Македонија може да оди напред и да го постави прашањето во Генералното собрание на ООН, водена од фактот што проблемот не е ‘заклучен’ во СБ, а договорот од Преспа немаше порано ‘завршна резолуција’ во Советот за безбедност, туку како несуштинска ‘пријателска спогодба’ беше само регистриран во регистарот на ООН. Ако нема обврзувачка резолуција на СБ на ООН, тогаш последниот збор околу името на оваа држава го има Генералното собрание на ООН. Во тоа државите немаат право на вето. За продолжување на членството на оваа држава во ООН под Република Македонија, како несуштествено прашање, се гласа со просто мнозинство од присутните што гласаат. Со просто мнозинство од присутните во салата на Генералното собрание, во кое членуваат 193 држави членки на ООН). Ако, на пример, во салата на Генералното собрание на ООН се присутни и гласаат 120 држави, за позитивен исход ќе ни требаат 61 глас. Ова е многу лесно да се постигне со стручни луѓе. Ако не успее ваквата акција оваа година, на ова Генерално собрание на ООН, може повторно да се поведе акција следната, а потоа, ако треба, и следната, сè додека не се изгласа одлуката оваа држава да членува во ОН како Република Македонија.“ – заклучува Јанев.