Во пресрет на ратификувањето на договорот за добрососедство со Бугарија од Софија ни пристигнува јазична бомба.
Доцентот Ана Кочева од софискиот Институт за бугарски јазик кој што е официјална бугарска институција под контрола на тамошното министерство за Култура преку бугарската националната телевизија ги даде официјалните позиции на Бугарија за македонскиот јазик.
Гостувајќи во емисија со наслов „Постои ли македонскиот јазик“, Кочева вели дека не се работи за нова позиција како што најавува водителот туку за актуелизирање и прецизирање на прашањето за македонскиот јазик со кое што бугарската наука се занимава десетици години.
Според Кочева како претставник на официјална бигарска институција не постои македонски јазик туку само западно- бугарски дијалект. Како доказ за овие тврдења Кочева го нуди наводниот сличен став на писателот Венко Марковски кој бил дел од првата јазична комисија на АСНОМ која што според неа го измислила макеодонскиот јазик.
Бугарскиот научник вели „фала богу“ што во бугарско – македонскиот договор за добрососедство постои членот 8 алинеја 2 според која што научниците ќе треба да се договорат за јазиците. За неа не е логично една земја да признава јазик на друга земја а на сите им е јасно дека македонскиот јазик е всушност фалсификуван бугарски јазик.
Според Кочева македонскиот јазик е „феномен“ во Македонија а во Бугарија е „писмено регионална форма на бугарскиот јазик“. Таа признава дека поради историските услови Бугарија е рекордер во обидите да кодифицира писмени регионални форми на бугарскиот јазик во странство а Вардарската форма е само една од шесте вакви јазични форми. (3 во Грција, една во Банат, една во Советскиот сојуз.
Претставничката на Институтот за бугарски јазик вели дека поради македонската пропаганда бугарските научници биле во заблуда за македонскиот јазик но сега, веројатно по договорот за добрососедство се освестени и веќе не го признаваат таканаречениот македонски јазик.
Според неа творци на македонскиот јазик е Стојан Новаковиќ во 1882 година, коминтерната и членовите на првата јазична комисија на АСНОМ. Кочева вели дека ги жали Блаже Коневски, Венко Марковски и другите членови на комисијата кои што имале невозможна мисија да создадат јазик кој не постои и затоа морало да се фалсификува бугарскиот јазик.
Кочева во емисијата објавува и карта на бугарскиот јазик надвор од Бугарија но вели дека тоа не е национализам туку само мапирање на регионите каде што се говори бугарски јазик. На мапата се и региони во Албанија во близина на Корча.
Доцентот Кочева го цитира Младен Србиновски кој според неа е еден од најголемите научници во земјава и според кого во Македонија постојата две форми на јазикот, едниот е деструктуиран бугарски јазик – демотики а вториот е високата форма на јазикот односно катаревуса.
Кочева порачува дека Македонија и Македонците не треба да се плашат за својот суверенитет ако во учебниците пишува дека Македонскиот јазик има бугарска историја и дека е деструктуиран бугарски јазик. Таа дава примери со Грција и Кипар, Турција и Кипар, Германија, Австрија и Швајцарија, Франција и Белгија каде што еден јазик го користат две или повеќе држави и нема опасност по националниот идентитет на нивните граѓани.




