Цената на јагнешкото пред претстојните велигденски празници ќе порасне и се очекува еден килограм да се продава над 660 денари во маркетите и во месарниците, некаде и до 700. Голем дел од македонските јагниња и годинава ќе се пласираат на пазарите во Италија, помал дел во Хрватска, но ќе има доволни количини и за домашниот пазар. Со оглед на тоа што извозниот шпиц ќе биде пред празникот, сточарите велат дека прво ќе се задоволат потребите на домашниот пазар, а тоа што ќе остане ќе оди за извоз.
- Годинава, католичкиот и православниот Велигден се во исто време, што значи дека извозниот шпиц ќе се поклопи со зголемените потреби на домашниот пазар. Тоа значи, истото јагне што ќе оди за Италија ќе биде и за нашиот пазар, со тоа што приоритет ќе имаат домашните купувачи. Цената за домашниот пазар ќе биде слична како онаа по која ќе се увезува во Италија – 11 евра, односно околу 660 денари за килограм. Инаку, во моментов, јагнешкото во Италија се продава по 10,70 евра на големо, но се очекува цената да расте и да биде над 11 евра. Со оглед на тоа, се очекува да се зголеми и откупната цена во шпицот и таа да биде 250 денари за килограм жива мера – изјави за весникот ВЕЧЕР Никола Георгиев, претседател на Сојузот на овчари.

Заменик-министерот за земјоделство Флакрон Беџети вели дека со ова не може да има измама околу бројот на стадата, а со зголемувањето на субвенциите сточарите имаат поголеми приходи. Разговарал со сточарите, а нивните поплаки ќе се разгледуваат во министерството.
- Друга загриженост е што за да ги добијат субвенциите, сточарите мора да испратат 50% од нивниот број во кланица. Тоа се должи на искористувањето на субвенциите, каде што порано имаше зголемување и злоупотреба на субвенциите. Лажното пријавување и оваа загриженост ми ја кажаа и мене, и јас си зедов за обврска да зборувам со надлежниот сектор и со министерот и ќе се обидеме овој процент да го намалиме. Овие 50% да се намалат и се надевам на разбирање и успех во овој правец, изјави Флакрон Беџети, заменик министер за земјоделство.
На две недели пред Велигден мали количества јагнешко месо се појавија во месарниците. Но, поради ниската откупна цена за македонското јагне што се движи 210 денари за килограм жива мера, сточарите не го предаваат јагнето во македонските кланици. Бараат Владата итно да ја укине мерката со која тие се обврзани 50 отсто од јагнињата да ги даваат на домашните кланици, за да може слободно да го извезуваат во странство каде што цената достигнувала и до 300 денари за килограм. Само во Пелагониско 70 отсто од јагнињата не се предадени, објави ТВ Сител.





