Врз основа на меѓународните договори, географската област Македонија не ѝ припаѓа исклучиво на Грција, изјави портпаролот на грчката Влада Димитрис Ѕанакопулос.
Во интервју за државната телевизија ЕРТ тој истакнува дека 51 отсто од Македонија ѝ припаѓа на Грција, околу 30 проценти на Бугарија, останатиот дел ѝ припаѓа на ПЈРМ и еден процент припаѓа на Албанија.
„Затоа, ако преминеме на суштината на разговорот, гледаме дека географската област на Македонија во моментов им припаѓа на различни нации-држави и оваа реалност не може да не ја земе предвид грчката надворешна политика, рече Ѕанакопулос, одговарајќи на прашањето дали слоганите „Македонија е грчка“ влијаат на преговорите.
Во однос на македонскиот идентитет, портпаролот на грчката влада вели дека сите народи имаат идентитет и „ниеден народ не може да лиши друг народ од неговиот идентитет“. По инсистирање на новинарот дали станува збор за Македонци, Ѕанакопулос објаснува дека во соседната земја постојат различни етнички групи.
– Тие сметаат дека нивниот национален идентитет е тој што е. Но, исто така, да ве потсетам дека во ПЈРМ постојат и комплетно различни етнички групи, постојат Албанци, постојат луѓе кои се самоопределуваат како Славомакедонци, постојат и Грци, постојат, ако не грешам и Бугари, објасни Димитрис Ѕанакопулос за ЕРТ.
Портпаролот потенцира дека Атина бара сложено ерга омнес име, што значи име и за внатрешна и за надворешна употреба, нешто што „ако се толкува, води до заклучокот дека не може да постои договор, без промена на уставното име, а за да има промена на уставното име потребна е уставна ревизија“.
Ѕанакопулос објасни дека постојат две главни причини зошто Грција смета дека треба да се реши проблемот. Првата е дека нема причина во веќе дестабилизиран регион како што е Балканот, Атина да придонесе за дополнителна дестабилизација, додека пак втората причина е фактот што Македонија веќе ја имаат признаено над 100 земји под уставното име и опасноста во иднина ова име да го прифатат и ОН.




