Ѓурѓај: Продолжуваат активностите за заштита на етничкиот, културниот и верскиот идентитет на Македонците во Албанија

Претседателот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана Никола Ѓурѓај оствари средба со Роберт Гајда, комесар за заштита од дискриминација, на која нагласката беше ставена за поддршка на претставувањето  на Законот за заштита на националните малцинства и на културите, како и на секојдневно спроведување на законот, чија цел е да се обезбеди остварување на специфичните права на припадниците на националните малцинства. „Суштински е потребно да се заштити идентитетот на националните малцинства и да се гарантираат недискриминацијата и целосната еднаквост пред законот.“ – вели Ѓурѓај. Ова се наведува во информацијата објавена во весникот „Нова Македонија“ со наслов „Упорност, истрајност и посветеност на Македонската алијанса за европска интеграција и здруженијата на Македонците во Албанија“.



На патот кон целосно остварување на човековите и малцинските права на Македонците во Република Албанија“.

Во споменатата информација натаму се истакнува: Македонското друштво „Илинден“-Тирана официјално побара од комесарот за заштита од дискриминација поставување повеќејазична табла, барање што наиде на позитивна реакција. Споменатото друштво исто така се обрати и до Комитетот за национални малцинства на Република Албанија, односно беше побарано поставување повеќејазична табла пред институцијата, вклучувајќи и на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Комитетот за национални малцинства на Албанија позитивно одговори на ова барање, но од непознати причини повеќејазична табла повеќе од една година не беше поставена. Конечно, деновиве пред споменатиот комитет беше поставена таблата, на која може да се забележи и македонскиот јазик.

Претходно, македонското друштво „Илинден“-Тирана испрати реакција до повеќе институции во Албанија, меѓу кои и до народниот правобранител, со чиј ангажман беше поставена повеќејазичната табла пред Комитетот за национални малцинства. Поставувањето беше поздравено од македонското друштво „Илинден“-Тирана и Никола Ѓурѓај, кои изразија благодарност до народниот правобранител на Албанија. „Ќе продолжат активностите, што се насочени кон афирмација на македонскиот јазик во Албанија. Систематски ќе бидат решавани сите проблеми, што би можеле да се појават. Имавме негативен пример со јазичната грешка при употребата на македонскиот јазик на повеќејазичната табла пред институцијата Народен правобранител на Албанија. Но по нашата реакција добивме позитивен одговор за исправање на грешката.“ – посочи Никола Ѓурѓај.

Тој нагласува дека македонското друштво „Илинден“-Тирана, како организација што се стреми кон заштита на етничкиот, културниот и верскиот идентитет на припадниците на македонскиот народ во Албанија, во иднина ќе ги продолжи своите активности за унапредување на човековите права.

Од заложбите на Македонското друштво Илинден-Тирана произлегоа повторното отворање лекторат по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана и поставувањето на македонскиот јазик пред три државни албански институции. Ова е скромен чекор кон целосно остварување на човековите и малцинските право на Македонците во Албанија, но нашиот постојан ангажман покажува дека не се добива ништо без упорност. Во иднина ќе ги продолжиме активностите за афирмациј на македонските национални особености – јазик, култура, историја и тн.. Но се надеваме дека ќе добиеме помош и поддршка од македонските институции и новата македонска Влада, затоа што Македонија е матична држава на сите припадници на македонскиот народ, без разлика каде се родени, или каде живеат.“ – рече Никола Ѓурѓај.