Ѓукановиќ: Брисел да побрза, инаку ентузијазмот на Балканот ќе исчезне

Европска унија каска на Балканот уште од Дејтонски мировен договор пред 22 години, посочува Мило Ѓукановиќ, лидер на црногорската Демократска партија на социјалистите (ДПС), кој го повикува Брисел да побрза со интегрирањето на регионот.



„Најголемите проблеми од тие денови и понатаму се сеприсутни проблеми. Босна сè уште не функционира како што треба, преговорите меѓу Србија и Косово течат бавно, а Македонија е целосно парализирана во процесот на преговори со Европска унија. Брисел сега мора да побрза, инаку ентузијазмот за Европа на Балканот ќе исчезне“, изјави претседателот на владеачката партија во Црна Гора во интервју за холандскиот весник „Де Троув“.

„Овој регион можеби е слепа улица за Европска унија, но константно е на удар на трети држави. Многу сум загрижен поради тоа“, вели Ѓукановиќ, мислејќи на Русија.

Цената на занемарувањето на Балканот е многу голема за ЕУ, констатира тој.

„Брисел би требало да размисли колку пари од даночните обврзници на Европска унија отидоа во регионот по војните на Балканот и колку ризици преземаа Европејците, вклучувајќи се во разни мировни мисии. Реториката од 1990-тите повторно се јавува. Ако ние на Балканот продолжиме по овој пат, нова криза демне“, предупредува поранешниот претседател и премиер на Црна Гора, кој четврт век е доминантна фигура на политичката сцена во ексјугословенската република.