Градоначалник на Шуто Оризари Курто Дудуш ѝ порача на скопската градоначалничка, Данела Арсовска, дека ќе одговара откако таа му пуштила седум кривични пријави.
Според Дудуш, сето тоа е веќе видено, бидејќи истиот принцип на функционирањето го има секојпат кога некој ќе и застане на патот, објави порталот Скопје.мк
„Нека биде малку покреативна во своите нискобуџетни изјави и нека внимава со какви спектакуларни бројки и изјави се појавува во јавност бидејќи ќе одговара за навреда и нарушување на углед и чест доколку не се извини.
За моето 7 годишно работење како градоначалник, за мојата работа, немам ниту една кривична постапка“ вели Дудуш и додава:
„За дополнителните 7 кривични пријави, поради одлагање на отпад на мојот приватен имот, фактура ќе добие лично таа бидејќи со месеци и го покривам срамот и се обидувам нејзиното неработење да не влијае во креирање на слика дека нашата општина е препознатлива по депонии“.
Дудуш тврди дека Арсовска од инает поради организираниот протест пред Град Скопје наводно дала јасни инстирукции на ЈП Комунална хигиена да не се собира ниту една канта со ѓубре од Шуто Оризари .
Градот Скопје од синоќа почна вонредна акција за чистење и дезинфекција на општина Шуто Оризари. Акцијата е со цел спречување на ширење на зарази и загрозување на животната средина на жителите на општината, а Градот за состојбата го обвинува градоначалникот Курто Дудуш.
За ова на социјалните мрежи се огласи и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.






