Ѓорѓиевски: Потребно е ресетирање на системот и сериозни казни за одговорните

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски во вечерашното гостување во емисијата ТОП ТЕМА на ТВ Телма, изјави дека на нашата држава и е потребен вистински ресет и дека во него треба сите заеднички да учествуваме.



  • Во секој систем, вклучувајќи го и нашиот има пропусти. После ова трагична случка, која што не погоди сериозно сите во нашата држава е, дефакто, дека од тие пропусти сме доведени во ситуација да ни се случат вакви трагични настани. Тие пропусти, не се од вчера, не се од денес. Тие пропусти се повеќе од 30 и повеќе години. Можеби се недостатоци и недоволна внесеност во сите постапки и индивидуално залагање на поединецот кој што во даден момент бил на челна позиција на одредена институција, вклучувајќи тука и локална самоуправа и градоначалник, вклучувајќи и бивши премиери на државата, бивши министри за транспорт и врски, вклучувајќи инспекторати разно-разни и слично. Потребен е вистински ресет во државата и во тој ресет да учествуваат сите, истакна Ѓорѓиевски.

Во емисијата тој говореше за неопходноста од темелно реструктурирање на институциите и процедурите, што е сложен, но неизбежен процес и назначи дека, покрај мерките како што се одземање на лиценци, потребна е и материјална и кривична одговорност за секој што со свој потпис става одобрение на некој документ.

  • Одговорноста не смее да биде само одземање на лиценца. Треба да има и кривична и материјална одговорност. Додека не креираме систем во кој што проблемот ќе има име и презиме, ние ќе се соочуваме и понатаму со вакви проблеми. Затоа треба да се доведе состојбата согласно закон да има одговорност за секого. Не може да е одговорен само градоначалник. Или само инспектор или само инвеститор. Треба секој што става потпис на документ да има одговорност и многу да се размислува. Секој да одговара за она што го потпишува и законски адекватно да се постапува. Да постојат реперкусии и системот да биде поригорозен, изјави Претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски нагласи дека иако системот има сериозни недостатоци, неопходно е темелно реструктурирање на институциите и процедурите. Тој оцени дека процесот ќе биде сложен, но неизбежен, со цел да се воспостави по функционална и одговорна администрација.

  • Многу тежок процес е, речиси неостварлив би бил да сето она што го работеле тие во минатото би се проверило во наредниот период. Не велам дека не треба да се провери, особено ако станува збор за објекти од јавен карактер, како градинки, како училишта како културни домови, спортски сали итн. Но, дека лесно ќе се заврши тој процес и дека ќе биде од денес за утре, не верувам лично во тоа, објективно гледано – нагласи Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски предупреди дека постојниот систем се базира на дискреционо право на инспекторите, наместо на законски дефинирани рокови за постапување. Тој потенцираше дека е потребна законска промена што ќе наложи задолжителни инспекциски контроли, особено за објектите од јавен интерес како градинки, училишта и спортски сали.

  • Кај нас она што недостасува, според мене, е промени во законот во делот така што секој законски ќе мора да постапува во одреден период. Тоа се однесува и на инспекциските служби. Сега е за жал оставено на добрата волја на инспекторот, вели претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Кој со кого се познава, и кој колку побрзо може да добие одредена потврда одобрение итн. Многу често се дискутира околу тоа изминатиов период, дали требало да се случи ваква ситуација за да излеземе ние во вондредни контроли, во сите објекти од јавен карактер – додаде Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски истакна дека во општина Кисела Вода, инспекциските контроли во основните училишта се спроведуваат еднаш годишно, но исто така предупреди дека во останатите општини тоа зависи од индивидуалната одговорност на функционерите. Тој додаде дека безбедноста на јавните објекти не смее да зависи од добра волја, туку од системски дефинирани обврски.

  • Откако сум јас градоначалник, еднаш во годината се прават во сите објекти, но мораме тоа облигаторно да го направиме, односно да биде обврска на секого. Тоа зависи од индивидуалниот капацитет на носителот на функција. Без разлика што сум претседател на ЗЕЛС, сум и градоначалник, имам одговорност за најмладите кои што учат во училиштата и во градинките – потенцираше Ѓорѓиевски.