Ѓорѓиевски: Граѓаните можат да бидат спокојни, сите аномалии во јавните установи ќе се решаваат со итни постапки!

Во вчерашната емисија „Клик плус“ на ТВ 21 гостуваше претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Oпштина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, кој истакна дека трагедијата не требаше да биде услов за започнување на вонредни инспекции, бидејќи редовните проверки се спроведуваат годишно. Тој увери дека јавните установи се безбедни и оти на локациите со аномалии ќе следи итно постапување. Ѓорѓиевски предложи законски измени, кои ќе обезбедат редовни инспекции како обврска, најмалку еднаш или двапати годишно, наместо да зависат од индивидуалната одговорност на градоначалниците, или на инспекциите.

Ѓорѓиевски истакна дека трагедијата не требаше да биде услов за започнување на вонредни инспекции. Тој истакна дека редовните проверки се реализираат годишно, а во општина Кисела Вода сите потребни инспекции се спроведени согласно утврдената пракса. „Дали требаше да се случи оваа трагедија, за да почнеме со вонредни инспекции? Често пати тоа го говорам и давам одговор на истото, а за тоа имам и документација денес донесено, конкретно за мојата општина и проверките откако јас сум градоначалник, коишто на годишно се вршени.“ – изјави Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека постојат исклучоци, иако повеќето општини редовно спроведувале контроли. Ѓорѓиевски посочи дека поради ситуацијата се започнати вонредни инспекции, со нагласка на јавните објекти, што е оправдано, поради создадената паника кај граѓаните, особено во поглед на безбедноста на децата.

„Одговорно тврдиме, и тука претпоставувам ќе се согласат и моите колеги, ретки исклучоци во најголемиот број од случаите, односно од општините, сите имаат правено редовни контроли. Постојат и општини, коишто не постапувале во минатото, затоа ние сега влеговме во еден процес поради ситуацијата да направиме вонредни контроли, каде што акцент најпрво се става на сите објекти од јавен карактер, затоа што и од друга страна и логички е оправдано кај нашиот народ се создаде одредена паника, затоа што не секој ќе биде спокоен после овие работи да го пушти детето во училиште, во градинка, во културна установа, во спортска сала и тн.“ – укажа претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Oпштина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

Според него, повеќето јавни објекти веќе биле подложени на инспекции и од градоначалниците било барано составување записници од извршените проверки. Тој увери дека граѓаните не треба да се грижат за безбедноста во јавните установи и нагласи дека на локациите со утврдени аномалии ќе следи итно постапување.

„Во најголем дел од сите објекти од јавен карактер веќе се извршени проверките. Она што ние го побаравме како ЗЕЛС, од сите наши колеги, од сите градоначалници од општините, е да достават записници за извршените проверки и состојбата којашто е утврдена. Јас сакам да порачам за сите наши граѓани да не се грижат, нивните деца, нивните внуци учат во безбедни јавни установи. Онаму каде што се утврдени одредени аномалии, ќе има итно постапување во наредниот период.“ – кажа Ѓорѓиевски.

Тој ја нагласи потребата за законски измени, кои ќе обезбедат редовни инспекции во јавните установи како обврска, наместо да зависат од индивидуалната одговорност на градоначалникот, или инспекцијата. Според него, ваквите проверки треба да се спроведуваат најмалку еднаш или двапати годишно. „Но она што е друго прашање и работа на којашто ќе треба да се фокусираме, е во перспектива да се направат законски измени, да не оставаме на волјата на поединецот или одговорноста, индивидуална на градоначалникот или инспекцијата, да се прават тие контроли, туку обврзувачки да влезе, законски да мора да се прават еднаш во годината, или двапати, проверките редовни во сите установи.“ – заклучи Ѓорѓиевски.