Во изминативе 30-тина години имало и сè уште има градоначалници кои својот мандат го поминуваат во хибернација, и токму затоа ова мора да биде променето со законски измени за предвремено отповикување на одреден градоначалник, изјаи претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.



„Многу пати нашите граѓани биле изманипулирани со ветувања од страна на некој функционер.  Градоначалниците по нивниот избор, согласно актуелната законска регулатива, не може да понесат одговорност за работата за која се избрани. Сè произлегува од волјата на граѓаните и сè може да заврши со волјата на граѓаните.

Затоа секој градоначалник откако ќе биде избран, уште од првиот ден треба да биде свесен дека многу порано од истекот на мандатот може да биде отповикан. Ние како ЗЕЛС, заедно со невладините организации, експертите и сите останати чинители треба да поддржиме законски измени кои би придонеле поажурна локална самоуправа“, рече Ѓорѓиевски на панел-дискусијата ,,Гласот на граѓаните: Отповикување на градоначалникот како алатка за локална демократија”.

Тој додаде дека активно се работи и на законските измени со кои би овозможиле одземање на ингеренции во дадена сфера на одредена локална самоуправа, со цел да не постои простор за злоупотреби или неажурност на било кој градоначалник.