По петтата носителка, Лина Ѓорческа ја елиминира и втората фаворитка Ребека Марино од Канада и се пласира во полуфиналето на тенискиот турнир на тврда подлога во Фигеира до Фаз, Португалија, со награден фонд од 100 илјади американски долари!



На најдобрата македонска тенисерка, неделава 219. на ВТА-листата во сингл, ѝ беа потребни само 54 минути за да слави со 6-1, 6-1 над 151. женски рекет во светот!

Дури шест пати 29-годишната тетовка ѝ го одземаше сервисот на Канаѓанката, а само еднаш го загуби својот, и тоа на стартот од вториот сет, но нејзината надмоќ во овој меч во ниту еден момент не беше доведена во прашање.

Нејзина последна пречка до финалето ќе ѝ биде Кристина Младеновиќ (232.) од Франција, која беше подобра од третата носителка Линда Фрухвиртова (139.) од Чешка со 6-4, 5-7, 7-6 (6).