Зачленувањето на Република Македонија во какви било организации претставува нејзино суверено право и ние во никој случај не ѝ наметнуваме на македонската страна свои ставови, ниту по ова ниту по кое било друго прашање, вели амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Олег Шчербак.
Наедно, како што и мора да прават вистинските пријатели, вели тој, ние чесно и отворено кажуваме за нецелесообразност и дури контрапродуктивност на интеграцијата на Македонија во овој воен блок, кој веќе многу години спроведува политика што претставува закана по националната безбедност на нашата земја и по целиот свет, изјави рускиот амбасадор
Во интервју за „Нова Македонија“ тој изрази загриженост поради тоа што процесот на проширување на НАТО, во кој е вклучена и Македонија, се одвива прекршувајќи ги обврските преземени од раководителите на западните земји од пред две децении и во условите на зголемување на воен офанзивен потенцијал на Северноатлантската алијанса кај руските граници.
Шчербак не се согласува со „апологетите на Алијансата за нејзиниот мирољубив и мировен карактер…“ и додава дека „вовлекувањето на Република Македонија во оваа воена организација може дури и, спротивно на волјата на самите граѓани на Република Македонија, темелно да ја поткопа атмосферата на доверба меѓу нашите две земји, да го отежне унапредувањето на билатералните односите во сите аспекти“.





