Четвртообвинетиот за грабнувањата и за свирепите убиства на 74-годишниот Панче Жежовски и на 14-годишната Вања Ѓорчевска, Влатко Кешишев денеска во Кривичниот суд во Скопје го дава својот исказ за страшните злосторства извршени на 22 и на 27 ноември 2023 година.
Првообвинет за убиствата е Љупчо Палевски Палчо од Скопје, поранешен претседател на Десна, а им се суди и на сопартијците Велибор Манев и Боре Видевски, двајцата од Велес. На таткото Александар Ѓорчевски му се суди за помагање во грабнувањето на неговата ќерка Вања.
Кешишев е единствениот од обвинетите што покажал трошка совест по свирепите убиства, потсетува Плусинфо.
Кога дошла полицијата во седиштето на Десна на 2 декември, следејќи ги трагите на „рено кангу“ Кешишев самоиницијативно ги однел до околината на Бразда и прво им го покажал местото каде го запалиле „цитроенот“ на Панче.
Велел дека „Палчо ќе го убие поради ова“. Коментирал дека и тој е лош човек, нечовек, и по подолго кршење во себе на инспекторите Музафер Каришиќ и Дејан Димовски им го покажал и местото каде што ја закопале Вања. „Таму е маленкото што го барате“, им рекол.
Кешишев во истрагата ги посочил сите останати обвинети.
Прво на инспекторите уште кога дошле во партијата им го споменал Велибор Манев, по што Манев беше приведен.
Кога ги однел инспекторите кај телото на Вања им рекол дека во грабнувањата учествувал и Боре каратистот од Велес.
Кога го прашале кој пукал во детето, рекол – Палчо.






