Вработените во американските федерални служби вчера почнаа да добиваат мејлови со барање да објаснат што сработиле изминатата недела.
„Ве молиме, одговорете на оваа е-пошта со приближно пет работи што ги сработевте минатата недела. Ве молиме не испраќајте доверливи информации, линкови или прилози“, се вели во е-пораките, кои беа испратени од човечки ресурси во Канцеларијата за управување со персонал на САД.
Наслов на мејловите е: „Што работевте минатата недела?
„Како дел од посветеноста на администрацијата на Трамп за ефективна и одговорна федерална работна сила, Канцеларијата за управување со персонал бара од вработените да достават резиме на она што го направиле минатата недела до крајот на понеделникот. Агенциите ќе ги одредат сите следни чекори“, потврди Канцеларијата за управување со персоналот.
Илон Маск, американскиот мултимилијардер и шеф на Одделот за владина ефикасност (DOGE) на администрацијата на Трамп, се закани дека ќе го отпушти секој федерален вработен кој нема да објасни каква работа работел во текот на претходната недела.
„Во согласност со инструкциите на претседателот Доналд Трамп, сите федерални вработени наскоро ќе добијат е-пошта во која ќе се бара да објаснат што направиле минатата недела. Неодговорот ќе се смета за оставка“, објави Маск на социјалната мрежа X.
Сепак, во мејловите не пишува дека неодговорот ќе се смета за оставка.






