Каков ментален состав треба да имаш за да не испочитуваш една минута молк за најголемата трагедија во поновата историја на Македонија? Што човек треба да си за да не можеш да постоиш една минута и да замолчиш во знак на почит за 59 загинати и околу 200 повредени, меѓу кои неколкумина и понатаму во животна опасност 15 дена по ужасот во Кочани?
Нека се и „само“ дваесетина неодговорни поединци, како што се оправдуваше лидерот во соопштението за јавноста, оградувајќи се од нив, кои среде минутата молк пред натпреварот во Тетово меѓу Шкендија и Брера од Струмица во Првата македонска фудбалска лига скандираа слогани за УЧК. Еден нека е – сите имаме проблем како општество.
Таа една минута молчење е многу повеќе од сочувство и солидарност со семејствата чии најмили настрадаа во пожарот кобната ноќ во кочанската дискотека „Пулс“. Не станува збор само за обичен симболичен израз на емпатија за огромната загуба, туку и минимум споделена болка, најмалку што едно човечко битие во најосновната смисла на зборот може да изрази кон сограѓаните во моментите на неизмерна тага.
Тој што не го допира туѓата несреќа не може и не треба да се нарече човек и да се третира на тој начин. Не мора да е верник, па од почит кон религијата на која припаѓа да (не) прави нешто за да му го намали страдањето на другиот. Не треба да е ни (соодветно) образован, ни „нашетан“, ни кој знае колку интелигентен. Доволно е само да го следи вродениот инстинкт на секој припадник на човечкиот род за помош и поддршка на ожалостените, на (нај)тешко погодените при битисувањето на овој свет наречено живот.
Пена не го пере човечкиот отпад што се дрзна да ја осквернави сочувствителноста со туѓото страдание. И нема таква казна што може да ја изрече Фудбалската федерација на Македонија, а која адекватно ќе го санкционира пеењето и скандирањето за нешто на кое не му (беш)е ни време ни место на спортски натпревар.
Секоја мајка еднакво плаче за своето чедо и тука нема разлика меѓу Македонките, Албанките и сите останати. А секој татко со подеднаков гнев гледа на изразите на примитивност несвојствени ни за најниските животни видови, а камоли за најсовршената форма на живот за каква се сметаат луѓето.
Сполај му на Севишниот, огромното мнозинство од тие што сожителствуваат на ова парче исконска земја по име Македонија ги имаат сите атрибути на хумани суштества. Независно од род или етничка, верска, политичка и каква не провениенција. Па знаат да го одделат каколот од житото. И да подадат рака на љубов и разбирање во овие траорни мигови со кои се соочува нацијата. Како што и постапија по катастрофите со автобусот на „Беса транс“ во Бугарија, со тој на „Дурмо турс“ кај Ласкарци, со тетовската Модуларна болница и сега со кочанската дискотека.
Само поради нив не згаснува надежта дека еден ден Македонија конечно ќе стане пристојно место за живеење. Колку и да им одмогнуваат наведените малоумници од трибините на тетовскиот стадион.






