Германскиот спортски магазин „Шпорт Билд“ со нескриено разочарување известува за ремито 25:25 на ракометната репрезентација против Македонија, констатирајќи дека новиот нерешен резултат по тој со Словенија се намалиле шансите за медал на избраниците на селекторот Кристијан Прокоп.
Во написот насловен „Македонските џинови ги запреа нашите лоши момчиња“ неделникот на својот портал жали за лошо одиграниот последен напад откако Силвио Хајневетер го одбрани ударот на Стојанче Стоилов од чиста позиција 13 секунди пред крајот.
„Не се чувствувам толку добро. Имавме шанси за победа, но одигравме недисциплинирано во последниот напад“, изјави Прокоп.
„Шпорт Билд“ коментира дека „сложните Македонци“ им создале големи проблеми во првата четвртина од натпреварот, кога 15. селекција од последното Светско првенство водеше со 5:2 против европскиот првак.
Магазинот додава дека Прокоп глано реагирал и ги бодрел своите ракометари во кризниот период и во средината на второто полувреме, кога „црвено-жолтите“ со голот на Кирил Лазаров поведоа со 19:16.
„Мораме да останеме смирени и посамоуверени во нашите акции“, им викаше селекторот на Германците, по што тие во 51. минута направија пресврт и поведоа со 21:20. До крајот постојано имаа водство, но Македонија израмнуваше пред Филип Талески да го постави конечниот резултат 128 секунди до последниот свиреж на белоруските судии Андреј Гуско и Сјархеј Репкин.





