Шолц прифаќа да има гласање за доверба на влада пред Божик

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека ќе прифати гласање за доверба на неговата влада од парламентот пред Божик, потег што ќе го отвори патот за предвремени избори по распадот на владејачката коалиција.



Тоа е поблизок датум од 15 јануари што тој го предложи минатата недела и е резултат на притисокот да се оди на гласање за доверба што е можно поскоро.

Шолц го отпушти министерот за финансии Кристијан Линднер од Либерално-демократската партија, растурајќи ја неговата коалициска влада на социјалдемократите, зелените и либералите.

Опозицијата побара Шолц да иницира гласање за доверба што е можно поскоро, по можност следната недела, за што поскоро да се одржат нови избори.

Според анкетите на јавниот сервис ЗДФ, 84 отсто од Германците сакаат изборите за Бундестагот да се одржат што е можно поскоро.

Според анкетите на институтот Форса, 57 отсто од граѓаните сакаат социјалдемократскиот кандидат на предвремените избори да не биде Шолц, туку актуелниот министер за одбрана Борис Писториус.

А меѓу гласачите на СПД, мнозинството од испитаниците, 58 отсто, го сакаат Писториус за свој кандидат.