Украина во овој момент не треба да добие крстосувачки ракети „Таурус“ од Германија, изјави канцеларот Олаф Шолц (СПД) и објасни дека во спротивно Германија ризикува да биде вклучена во војната.
Запад контра Макрон: Нема испраќање трупи во Украина
„Во никој случај и никаде не треба да се поврзуваме со целите што овој (ракетен) систем може да ги погоди“, рече Шолц за време на гостувањето на уредувачката конференција на германската новинска агенција dpa.
„Таурус“ е една од најмодерните ракети на германското воздухопловство. Ова прецизно оружје може да погоди цели на оддалеченост до 500 километри.
Москва се наоѓа во тој радиус од руско-украинската граница.
Украинската влада уште во мај минатата година побара испорака на германски крстосувачки ракети со цел да ги искористи за да ја таргетира руската логистика далеку зад линијата на фронтот.
Но, Шолц уште во октомври одлучи дека (засега) нема да го испрати такво оружје во Украина,а зад неговиот скептицизам стои стравот дека украинската армија би можела да ја таргетира руската територија, а Германија да биде вовлечена во војната.
Шолц нагласи дека постои принцип што тој го спомна од почетокот – и кој, вели, мора често да се повторува:
„Ќе спречиме војната што Русија ја започна против Украина да ескалира во војна меѓу Русија и НАТО.
Многу е јасно дека нема да има германски војници на украинска територија. И јас се залагам дека нашата земја и воените структури на нашата земја не се вклучени во оваа војна.“ За тоа е одговорна владата и тој како нејзин канцелар, нагласува тој.





